Во Чаир никако да подзапре бројот на случаите од корона вирус


Фото: Б. Грданоски

Во скопската општина Чаир никако да подзапре бројот на новоинфицирани од Ковид-19 и да се сведе на едноцифрени бројки. Според детализираните податоци на Министерството за здравство, кои се заклучно со вчера, од 1.593 активни случаи во Скопје и натаму на врвот на листата е Чаир. Денеска во Скопје беа регистрирани 100 нови инфекции, но нивната поделба по општини ќе биде објавена утре додека се обработат податоците.

Според последните податоци во Чаир сега има 352 активни случаи (ден претходно беа 336), а по него следи Гази Баба со 128. Интересно е дека во четвртокот немало ниту еден нов случај во оваа општина.

Аеродром и натаму останува во врвот со 127 случаи, а по него следат: Центар (123), Сарај (109), Кисела Вода (82), Студеничани (75), каде има брз развој на инфекциите последнава недела, Шуто Оризари (54), Илинден (24), Петровец (12), Сопиште (11), Чучер Сандево (8) и странци – четворица. Зелениково сега нема заболен од Ковид-19.