Во Чаир членови на ДУИ застанаа против „огнениот“ Висар Ганиу


Висар Ганиу

 

Во Чаир функционери на ДУИ се кренаа против градоначалникот Висар Ганиу, кој е од нивните редови, а член на „огнената група“. Петиција потпишаа 22 членови на ДУИ, меѓу кои и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и во неа се критикува она што го направил Ганиу и се спротивставуваат на неговите изјави.

„Демократската унија за интеграција е национално богатство на Албанците и на сите граѓани во Северна Македонија која се залага за слобода, еднаквост, интеграција и развој на државата, инвестирајќи во национални, регионални, меѓународни, инфраструктурни, развојни, образовни, културни, социјални и здравствени проекти. Сите овие достигнувања беа реализирани со наш заеднички придонес и делување во изборните кампањи и во спроведувањето на изборните ветувања и програми“, стои во петицијата.

Потписниците се оградуваат од она што го нарекуваат навредлив јазик на Ганиу и на активностите што поттикнувале поделби. „Ние, долупотпишаните, високи членови на огранокот на ДУИ во Чаир и другите локални и централни партиски тела сме особено загрижени за околностите во нашите локални структури од причина што од изборот до денес се нема одржано состанок на огранокот на ДУИ во Чаир во последните три години, ниту пак е ревидирана реализацијата на ветената локална и централна изборна програма, ниту пак одговорните лица се повикани на одговорност за реализираните или нереализираните проекти“, се вели во петицијата.

Овие партиски функционери повикуваат да престане злоупотребата на позицијата за поединечни агенди кои не се во согласност со лидерот Али Ахмети и Демократската унија за интеграција.