Во центарот за јавно здравје во Велес не носеле заштитна опрема


Низа неправилности се утврдени во Центарот за јавно здравје во Велес каде што тројца од вработените се позитивни на КОВИД-19, а 9 се во самоизолација, информира на денешната прес конференција Ирина Сотирова Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Таа објасни дека по направениот вонреден инспекциски надзор констатирале дека институцијата која треба да ги работи епидемиолошките анкети и земањето брисеви, не работела по протоколите. Вработените не носеле заштитна опрема, а не правеле ниту епидемиолошка анкета.

„Констатирано е дека сите брисеви се земени без епидемиолошка анкета. Евидентирањето се води како скрининг, или не запишуван резулатот и даван е на рака. Неправилности има и во неносење на заштитна опрема, вработените не ја носеле опремата, не држеле дистанца меѓу себе, имало ослободување од работа во време кога е забрането, не се почитувале протоколите за земање на брисеви“, изјави Сотирова Бухова.

Таа нагласи дека исклучок е само за маркетот каде што 15 вработени се позитивни. Таму е направено се како што треба и маркетот продолжува со работа со другите вработени.

Со КОВИД 19 заболен е и еден лекар од Центарот за јавно здравје во Кавадарци кој носел брисеви во ЦЈЗ во Велес. За него во Кавадарци сметаат дека најверојатно е заразен од вработените во ЦЈЗ во Велес, односно дека кластерот е од таму.

„Заразениот лекар од ЦЈЗ од Кавадарци доколку бил во заштитна опрема не можел да се зарази од таму“, потенцира Сотирова Бухова.

Директорката на ДСЗИ рече дека пунктот за земање на брисеви функционира, а во однос на неправилностите утре ќе се разговара во Комисијата за заразни болести и ќе се одлучува што понатаму, во согласнсот со министерот за здравство.