Во центарот на Прилеп убиено 14-годишно момче


 

Момче на 14 годишна возраст синоќа околу 19,30 часот е пронајдено без знаци на живот со повеќе убодни рани и надворешни крвавења во центарот на Прилеп на тротоарот од булеварот „Гоце Делчев“ наспроти Домот на културата „Марко Цепенков“. Не давало знаци на живот и било пренесено во градската болница каде биле безуспешни сите обиди да се реанимира.

Увид направија полицијата и основен јавен обвинител. Наредена е обдукција на телото на 14-годишното момче.

„Трагичниот настан се случил во периодот од 19 до 20 часот. Според првичните сознанија, момчето било нападнато со остар предмет, сѐ уште не се знае дали од едно или повеќе лица. Било нападнато пред ‘Деветтокатницата’ во центарот на Прилеп. Пронајдено е со многу крвави убодни рани на тротоарот на булеварот ‘Гоце Делчев’, веројатно се обидело да се оддалечи од местото на нападот. Наредена е обдукција на телото за да се констатираат причините за смртта“, вели основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.