Во Центар означен крајот на учебната година со театарска претстава за врсничкото насилство


Во период кога насилството помеѓу децата и булингот се тема не само во државата, туку и во целиот регион, во Општина Центар приватниот театар Хит од Скопје ја изведе претставата „Во домот на Волшебникот“, информираат од Општината.

Со оваа претстава градоначалникот на општината, Горан Герасимовски на пристуните ученици од основните училишта го честиташе крајот на учебната година, им посака пријатен одмор и ја истакна важноста на другарството, заедништвото и меѓусебната почит.

Театарската претстава за деца „Во домот на Волшебникот” е работена наменски и е посветена на децата. Токму во овој период нужна е потребата преку театар да се прикаже дека за секој проблем и недоразбирање насилството не е никакво решение, туку разговорот, меѓусебното подавање рака и искреното пријателство. Низ низа драмски ситуации во кои главната нитка е мудроста на волшебникот, наспроти денешното однесување на децата, упатуваме јасна порака: Со насилство НЕ, со дружба може СЀ!

-Во претставата со многу комичнини, едукативни и педагошки елементи, учествуваа и децата од основните училишта кои беа во публиката и заедно со актерите ја испратија главната порака на претставата, која вели дека само преку искрен и другарски пристап можеме да успееме во сѐ, се вели во соопштението од Општина Центар. 

Во претставата настапија актерите Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски, а покрај нив играше и младата Тамара Ангелеска. Автор и режисер на претставата е Сашо Ристовски, а таа е во продукција на приватниот театар Театар Хит од Скопје со поддршка со Општина Центар.