Во Бугарија станува драматично со корона вирусот


Пред пунктот во болницата „Света Ана“ во Софија

Новозаразени се близу 5.000, починати 124, училиштата во Софија повторно се враќаат на настава онлајн

 

Бројките на нови инфекции од ковид во Бугарија забрзано растат, а и бројот на починати. Во последните 24 час регистрирани се 4.957 нови случаи на корона вирус од 22.264 тестови, што покажува стрмоглаво зголемување на позитивните примероц, тоа изнесува 22,3 проценти. Тоа е помалку од пролетниот пик во Бугарија со британската варијанта кога бројот на позитивни тестови кратко стигна до 25 проценти, но имаше многу помалку тестирања.

Бројката на починати е 124, а од нив 95 отсто биле невакцинирани. Од новозаразените невакцинирани се 85 проценти.

Од 21 октомври Бугарија воведува зелени сертификати за посета на рестораните, а тоа наиде на жесток отпор на сопствениците, кои велат дека нема да ги почитуваат мерките. Поради енормно зголемување на случаите во Софија во целиот град наставата во училиштата преминува онлајн.

Високите бројки предизвикаа да се зголеми интересот за вакцинацијата, која е најниска во цела Европа. Во последните 24 часа биле администрирани 9.097 вакцини, а бројот на вкупно вакцинираните е околу 20 отсто од населението.

Бугарската социјалистичка партија (БСП), еден од главните поддржувачи на службениот кабинет поставен од претседателот Румен Радев, побара оставка од министерот за здравство Стојчо Кацаров поради воведувањето на зелените сертификати. Лидерката на БСП, Корнелија Нинова (која е во изолација бидејќи по втор пат се зарази со корона вирусот) на Фејсбук напиша: „Министерот Кацаров не е во состојба да се справи со кризата која се продлабочува. Очекуваме да поднесе оставка“. Според неа, вакцинирањето бил доброволен акт и „не треба да се ограничуваат уставните права на граѓанинот“ со зелените сертификати. Таа вели дека ваквите мерки со зелениот серификат биле возможнии во западните земји каде е вакциниран висок процент на населението, но биле неприменливи во Бугарија.

За денеска е свикан протест на лекари, медицински сестри и шофери на итната помош од целата земја поради наводните нејасни правила за плаќање на дополнителната работа.