Во Бугарија се задоволни што Албанија се оддели од Македонија
Бојко Борисов им порачува на бугарските политичари да имаат трпение и да не бидат агресивни
Нема голем триумфализам во бугарските политички кругови, но постои јасно задоволство што Европаската унија ги оддели Македонија и Албанија од нивниот заеднички пат и Тирана сега ќе продолжи самостојно. Македонија ќе чека некои други времиња за да го продолжи процесот.
Претседателот на ГЕРБ, кој како премиер ја почна блокадата на Македонија, Бојко Борисов, ја објасни тактиката која ќе ја спроведува Спфија.
„Од нас се бара трпение. Не треба да изгледаме агресивни, бидејќи тактиката на нашите колеги во Република Северна Македонија (РСМ) е ние да бидеме виновни“, рече Борисов пред новинарите во парламентот.
Тој е претседател на парламентарната комисија за надворешни работи и рече дека ќе се обиде да ги убеди своите колеги „да не се однесуваат емотивно, туку ладнокрвно и разумно“.
На денешниот состанок на комисијата се очекува да се разговара за нацрт-декларација во врска со „систематското и методично уништување на дијалогот меѓу РСМ и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од страна на владејачките политички фактори во РС Македонија“.
Од искуството што го имам на тема проширување на Западен Балкан, знам како работат нашите колеги во Европа во Америка, изјави Бојко Борисов.
Според лидерот на ГЕРБ, „како држава мораме да се исправиме и да не бидеме во тонот на еден кој е само министер“. Без да го именува, стана јасно дека се мисли на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, кој во неколку интервјуа упати неприлични зборови кон бугарските политичари, нарекувајќи ги „нецивилизирани и мизерни“.
„Имаме Договор за добрососедство и никој не може да се оддалечи од него. Бугарија никако не го скрши добриот тон – побарана е само оставка, што е нешто многу нормално“, изјави Борисов.
„Сакам да го уверам бугарскиот народ дека сме многу добро слушнати во ЕК, ЕУ, ЕПП. Така постапуваат европските институции – не се закануваат, не навредуваат, но резултатот е дека Албанија го прифати бугарското малцинство и оди напред, а во Македонија – да трпат последици од нивното однесување и она што го создадоа“, додаде лидерот на ГЕРБ.
Според лидерот на Продолжуваме со промената, Кирил Петков, времето покажало дека „францускиот предлог“ е многу добар за Бугарија. „Реално, целата Европска унија застана на страната на Бугарија, а Република Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен“, рече тој.
Петков изрази надеж дека Македонија ќе ја преиспита својата позиција, бидејќи она што сега се случува е дека Албанија се отцепува и ќе продолжи побрзо.
И други политичари ја коментираа одлука на ЕУ. Костадин Костадинов, лидерот на националистичката Преродба, вели дека таквата одлука била очекувана откако Македонија не го промени уставот. И тој како и Борисов, вели дека Албанија отишла напред затоа што го признала бугарското малцинство и му ги гарантирало правата.
Тошко Јорданов, шефот на парламентарната група на Има таков народ, вели дека е „најнормално Северна Македонија да остане таму каде што е, надвор од ЕУ и нема да започнат преговори додека не го сменат однсеувањето и не ги запишат Бугарите во уставот“.