Во Бугарија се бара уште една, поостра декларација за Македонија


Нов иницијативен комитет од осум бугарски научници излезе со нова остра декларација и седум услови кои треба да ги исполни Македонија за да може да добие поддршка од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ. Комитетот бара од сите партии кои учествуваат на изборите да ја поддржат оваа декларација и да се обврзат дека ќе ја бранат позицијата на Бугарија околу Македонија.

Тие исто така се изјаснуваат против надворешниот притисок врз бугарските институции околу ова прашање.

Членовите на овој иницијативен комитет велат дека поддршката за почеток на преговори е можна само со исполнувањето на прецизни барања: законски гаранции дека Договорот за добрсоседство и обврските од него ќе бидат почитувани; откажување од малцински и територијални претензии; рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам кои наводно имале бугарска самосвест; промена на наставните програми во Македонија; отстранување на знаци и натписи; и придржување кон „клаузулата утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Оваа клаузула треба да најде соодветен израз во официјалните документи на Европската унија“.

Како што се очекуваше коалицијата „Бугарски патриоти“, чиј главен член е ВМРО, прва ја поддржа предложената декларација и ја потпиша.

„За жал, гледаме одредени политички партии кои се стремат кон парламентот, го вртат грбот и даваат ветувања за кои никој не ги овластил“, рече лидерот на ВМРО, Красимир Каракачанов.

Меѓу потписниците на декларацијата се акад. Георги Марков, проф. Казимир Попконстантинов и проф. Пламен Павлов.