Во Бугарија растат повиците за смирување на тензиите


Ивајло Калфин

 

Во Бугарија се зголемуваат гласовите за смирување на напрегнатоста во односите со македонија, како и осуда на провокативните изјави на тамошните политичари. Утринава за тоа зборуваше поранешниот заменик-министер за надворешни работи, Љубомир Ќучуков, а вчера и поранешниот министер за надворешни работи, Ивајло Калфин

Во разговорот за Бугарското радио Калфин рече дека ситуацијата во бугарско-македонските односи треба да се промени во двата правца – Бугарија да престане да се заканува и да мафта со прст, а Северна Македонија да престане со провокациите.

„Треба да размислиме како можеме да живееме како соседи, а не како земји во конфликт… Трајно треба да се смени однесувањето од двете страни на границата. Ние не треба постoјaно да мафтаме со прстот и да се закануваме со вето, а од нивна страна постојано да се прават некои провокации, туку да се работи нa решенија за спорните прашања – како да се отворат границите, како луѓето да патуват, да се намалат провокациите“, рече Калфин.

Според него, правата на луѓето треба да бидат во центарот на она што го прави Бугарија. Тој нагласува дека проблем предизвикуваат и иритирачките изјави на некои политичари, но и имињата на бугарските клубови во Северна Македонија.

„Изјавите на некои бугарски политичари кои се обидуваат уште малку да си ја продолжат политичката кариера – дека Македонија ја нема и не постои, не помагаат. Не треба да се заборави и дека културните клубови во Македонија се именувани по личности кои очигледно спорни и иритирачки за нивната јавност“, вели Калфин за БНР.