Во Бугарија одбележуваа годишнина од наводно масовно убиство на Бугари во Македонија


Претседателката на бугарското собрание, Наталија Киселова, на настанот

 

Настаните од 7 јануари 1945 година на Скопското Кале (едни од најконтроверзните од крајот на Втората светска војна) денеска во Бугарија се одбележаа како „масакрирање на илјадници луѓе со бугарски идентитет“. Познато е дека тој ден поголема група војници од македонската војска претпочитале да „одат на Солун, а не Срем“ и дека дошло до сериозен проблем во касарната на Скопското Кале.

Во центарот на Софија денеска, пред црквата „Света Недела“ се одрша собир на кој присуствуваше и претседателката на собранието, Наталија Киселова и со кој се одбележувањеше 80-годишнината од она што таму го нарекуваат – „крвавиот Божик“ – кога во Вардарска Македонија, штотуку ослободена од бугарските и германските фашисти биле наводно убиени илјадници луѓе со бугарски идентитет. Тие наводно биле убиени од „слугите на југословенскиот диктатор Тито“ во скопската и штипската касарна.

Според извештајот во бугарските медиуми Киселова рекла дека се собрале да „одбележиме тажна годишнина, 80 години од смртта на нашите сонародници кои се дефинираа како Бугари и платија со своите животи за тоа.

Киселова зборуваше и за европскиот пат на балканските земји кој одел преку почитување на човековите права и критериумите од Копенхаген.

„Улогата на Бугарија е да тврди дека владеењето на правото мора да доминира. Елементарните провокации можат да ги влошат односите меѓу двете земји и тоа е неприфатливо. Се надеваме дека нашите соседи ќе се вратат на преговарачка маса и дека нема да остануваат на ставот оти треба да има повторни преговори, бидејќи тоа ќе биде повторно преговарање со ЕУ, а не со Бугарија“, нагласи Киселова.

Марин Рајков, бугарски амбасадор во Рим и Лондон и премиер на Бугарија во една од многубројните технички влади на претседателот Радев, рече дека наследниците на луѓето кои ги масакрирале македонските Бугари се стремат кон европско легитимирање на доктрината во чие име беа масакрирани македонските Бугари. „Искрено и од срце сакме да им посакаме добредојде еден ден, без разлика колку години подоцна, на нашите браќа од Република Македонија во ЕУ. Местото на РСМ е во ЕУ, но нејзиното членство е поврзано со исполнување на одредени барања. И нема пракса, нема логика да не се исполнат критериумите за членство. Критериумите за членство се поврзани со човековите права. Критериумите за членство се поврзани со тоа нашите браќа од Северна Македонија треба да знаат што се случило пред 80 години“, рече Рајков.

Скопје сè уште не може да започне вистински преговори за членство во ЕУ бидејќи одбива да ги вклучи Бугарите во својот устав. Овој услов е вграден во преговарачката рамка на Северна Македонија.

Во Софија беше и Љупчо Георгиевски, претседателот на згаснатиот клуб „Иван Михајлов“ од Битола. На насобраните тој им рече дека со настаните поврзани со „Крвавиот Божик“ е направен обид да се избрише историјата на Бугарите во тогашните граници на Југославија.

„Работите не се сменија многу, единствено не убиваат како за време на ‘Крвавиот Божиќ’. Ги прогонуваат Бугарите во Република Северна Македонија, предизвикуваат тужби, ни ги бришат клубовите и не нѐ вклучуваат во иставот. Со години постои континуитет на политиката на Бугарија кон Република Северна Македонија и кон Бугарите во Република Северна Македонија. Ја повикуваме да продолжи со поддршката што ни ја дава нам“, истакна тој, цитиран од Бугарското национално радио.