Во Бугарија гласачите се поткупуваат со огревно дрво


Обезбедувањето огревно дрво за населението стана заложник на претстојните избори на 14 ноември во Бугарија. Како што пишуваат бугарските медиуми, во одредени региони во земјата шумарите им ги делат дрвата на локалното население преку списоци со поддржувачи на поединечни партии. Тоа го изјави министерот за земјоделство Христо Бозуков. Во голем број региони во земјата огревното дрво нарачано во април сѐ уште не е испорачано, а има недостиг од пелети.

„Имав средба со Здружението на општински шуми, кои ми кажаа дека ова е политичко прашање и дека веднаш по изборите ќе има многу дрва“, изјави Бозуков во понеделникот во интервју за БНР.

„Ми кажаа дека еден регион во шумското стопанство Крџали има три списоци. Еден за една партија, друг за втора партија и трет за оние кои не се во ниту една партија“, додаде министерот за земјоделство.

Министерот потсети дека според уредба огревното дрво го делат градоначалниците на општините. Во моментов најмногу градоначалници на општини во земјата има партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, која беше на чело на државата во три мандати. Во регионот на Карџали, кој го спомена министерот за земјоделство, партијата на Турците, ДПС традиционално има силни позиции во локалната власт.

Во голем број јавни изјави во изминатиот месец, главниот секретар на Министерството за внатрешни работи Петар Тодоров вели дека огревното дрво се користи за купување гласови.