Во Бретања одржана средба на неонацисти „во чест на Хитлер“

Градот ги замолил сите кои изнајмуваат соби или куќи, да бидат внимателни … но тоа не било доволно. На 20 април, роденденот на Адолф Хитлер, Националната револуционерна дивизија (ДНР) одржала неонацистичка средба на околу 20 километри од Плелан-ле-Гранд во Бретања. На програмата: свастики, рап-концерти и нацистички поздравувања, објави денеска регионалниот весник  Телеграм.

Најавен на социјалните мрежи, настанот и пред одржувањето создаде контроверзии на почетокот на април, терајќи го градот да реагира. Во пораката на Фејсбук, градот објасни дека „остро ги осудува идеите што ги пренесува овој тип на организација“, и ги повика издавачите на соби и куќи  да останат внимателни во однос на резервациите закажани за тој датум, јави дописникот на МИА.

Полемиката порасна до таква мера што шефот на ДНР самиот изјави во весникот Паризиен дека средбата нема да се одржи. Организаторот тврди дека тоа било намерно кажано, со цел да избегне судири со антифашистички групи.

-Концертот беше добар. Тоа беше собир со пријателите. Бевме 35 мина-потврдува тој за месечникот Морбијан, додавајќи дека други вакви настани можат да се одржат во Бретања.

Во Франција делуваат повеќе неонацистички-крајно десничарски групи, од кои некои се распуштени од страна на француските власти.