Во Бразил донела мртов маж во банка за да земе кредит


Бразилската полиција уапси жена која е осомничена дека донела мртов маж во банка, за кој рекла дека е нејзиниот вујко, за да добие заем. На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како жена на шалтерот на банката Itau во Рио де Жанеиро ја крева главата на постар маж во инвалидска количка и се обидува да му стави пенкало во раката.

Полицијата наведува дека осомничениот се обидувал да подигне кредит во износ од 3.000 долари, кој банката веќе го одобрила, но за што било потребно одобрение и од вујкото. Мажот од видеото не реагирал на барањата на жената. Додека таа се обидувала да му даде пенкало, неговата рака била млитава, а главата му паѓала назад, пишува CNN.

„Не можам да потпишам за тебе, мораш“
„Вујко слушаш, мораш да потпишеш. Ако не потпишеш нема шанси. Не можам да ти потпишам, мораш. Ајде потпиши, не прави проблем, не можам повеќе, направи го тоа“, се слуша како му вели. Еден од вработените во банката во тој момент изјавил дека постарата личност најверојатно не се чувствува добро.

Шефот на цивилната полиција на Рио де Жанеиро, Фабио Луис Соуза, изјави дека вработените во банката потоа решиле да повикаат брза помош. Кога пристигнале болничарите, утврдиле дека човекот бил мртов неколку часа и дека повеќе не бил жив кога го донеле во банка. Полицијата води истрага и се обидува да утврди каква е точно поврзаноста на осомничената и починатиот маж. Засега не е покренато обвинение.

Адвокатот на семејството го демантираше полицискиот извештај: „Работите не испаднаа така. Човекот беше донесен жив во банка. Мојата клиентка е целосно потресена, зема лекови“.

Обдукцијата откри нови детали
Бразилскиот медиум „Метрополес“ добил извештај од обдукцијата што укажува дека смртта на мажот била предизвикана од „бронхоаспирација и срцева слабост“. Утврдено е и дека е неухранет.

„Таквите податоци ги потврдуваат некроскопските наоди за неухранетост и бронхоаспирација. Постоечката срцева болест, исто така, придонесе за смрт“, се наведува во извештајот.

Судскиот совет ги чека резултатите од дополнителното испитување за да се утврди дали мажот е отруен.

Бизнис инсајдер известува дека експертот кој ја потпишал прелиминарната форензичка анализа заклучил дека нема доволно докази за да се заклучи дали Пауло починал на пат кон или внатре во банката или дали починал пред тоа. Меѓутоа, обдукцијата покажа дека згрутчувањето на крвта во неговиот врат сугерирало дека тој умрел легнат.

Адвокатот и понатаму тврди дека неговиот клиент е невин, а вели дека има сведоци. Истрагата продолжува.