Во Босна и Херцеговина рекордни 99 починати од Ковид-19
Во Босна и Херцеговија денеска е забележан негативен рекорд по број на починати од Ковид-19, односно за 24 часа починале дури 99 пациенти.
Според ентитетските податоци од понеделникот починале 63 лица од Федерацијата, 33 од Република Српска. Уште три смртни случаи забележани се во Брчко.
Со новите случаи во БиХ досега од Ковид-19 починаа вкупно 6978 лица.
Според податоците на американскиот универзитет „Џон Хопкинс“, БиХ сега е петта во светот со 203 смртни случаи поврзани со корона вирус на 100.000 жители.
Иако бројот на починати е највисок од почетокот на епидемијата во март 2020 година, бројот на новозаразени се намалува во однос на претходната недела. Така по тестирани повеќе од 5.500 примероци, заразата е потврдена кај 1.093 лица.
Минатата недела овие дневни бројки на заразени беа рекордни па така во поголем дел од Федерацијата е забранета работата на угостителските објекти, додека во РС може да работат терасите на кафулињата и рестораните.
Во Федерацијата важи забрана за движење во ноќните часови, а во РС нема полициски час.