Во болниците низ земјава се лекуваат 1217 ковид-пациенти


Фото: Б. Грданоски

Во ковид-центрите на болниците низ земјава во изминатите 24 часа  е пријавено дека се лекуваат  738 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а заедно со пациентите кои се хоспитализирани во Скопје вкупниот број еn1217.

Министерството за здравство соопшти дека има околу 240 празни болнички кревети во ковид-центрите, со напомена дека состојбата е променлива затоа што во текот на денот има нови приеми, но се прават и исписи на оздравени пациенти и се ослободуваат дополнителни легла.
 
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола има 61 пациент, во Штип се хоспитализирани 57, на  инфективното одделение во Тетово 43 пациенти, во Велес се лекуваат 40 болни, а во Куманово 88 пациенти позитивни и суспектни  на Ковид-19.
 
Во ковид-центарот во Охрид хоспитализирани се 80 пациенти, во Прилеп 87, во Гостивар 54, а во Струга има 40 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 75 пациенти, во Кочани 24, Кичево 19, Кавадарци 52,  Гевгелија 13 лица, а во Дебар пет позитивни  и суспектни на коронавирусот.
 
– Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени, соопшти Министерството за здравство.