Во болницата во Велес се пополни еден крак на Интерното одделение со пациенти од Ковид


 Во болницата во Велес, покрај Инфективното одделение, неделава се наполни и еден крак на Интерното одделение со пациенти од Ковид-19.

– На Инфективното одделение, кое е засебна зграда од велешката Општа болница,  моментално се хоспитализирани 52 пациенти, а дополнетиот капацитет е 54 легла. Од нив, 47 пациенти се потврдени на Ковид-19, а пет се сомнителни и чекаат резултати. Еден пациент како излекуван бил испишан со два последователни негативни теста, а 15 пациенти се на кислородна поддршка, информира д-р Весна Неделковска Николова портпарол на ЈЗУ Општа Блница Велес.

Скоро полно е Интерното одделение Б, крак кое е во склоп на болницата и кое оваа недела беше преадаптирано во нов ковид центар за сместување.

Таму се хоспитализирани плус 16 пациенти од кои 12 сомнителни на Ковид-19, двајца позитивни и двајца негативни, но со тешка клиничка слика и наод за масовна пневмонија. Тројца пациенти на Интерно се на кислородна поддршка,информира д-р Неделковска Николова.

На Интерното одделение утрово во 6 часот починал и пациент на 57-годишна возраст каде претходно се лекувал од други заболувања. Тој бил примен пред десет дена и имал крварење на желудник и одоцна имал и мозочен удар. Бил тестиран и резултатот покажал дека е позитивен на Ковид-19. Но поради тешката здравствена состојба не бил префрлен на Инфективното одделение.

Во ГОБ „8 ми септември“ во Скопје починал 75 годишен пациент од Велес. Тој е 38-та жртва на Ковид-19 од велешко од почетокот на епидемијата.