Во болницата во Штип пациентите со малигни заболувања од истокот ќе примаат терапија

Штипската Клиничка болница деновиве ќе почне со онколошка терапија за пациентите со малигни заболувања од целиот источен регион. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев, изјави дека го чекаат списокот на пациенти од Клиниката за онкологија за да стартуваат со оваа работна задача која им е доделена со цел пациентите од овој регион да не патуваат во Скопје за примање на таблетарната и субкутана терапија.

Ѓеорѓијев посочи дека засега се далеку од терапијата за зрачење на пациентите, бидејќи се уште не е готов бункерот за акцелераторот.

-Акцелераторот се уште не е донесен и не е ставен во функција, тоа е една работа којашто опфаќа повеќе профили и на доктори, инженери, информатичари и на физичари, коишто би требало да го менаџираат тој дел. Така што во моментов не би можеле да кажеме кога би било тоа, рече Ѓеорѓијев.

Забележа дека за работата на ова одделение имаат двајца специјалисти онколози, но потребни се други профили. 

Зградата каде што ќе се смести акцелераторот е изградена до карабин, а од Министерството за здравство велат дека новиот договор за довршување на работите тежок 23 милиони денари  е потпишан годинава во јануари со грчката „Интеракт“, истата фирма задолжена за изградба на новата Клиничка болница.

Интензивирање на работите се очекува по завршувањето на вонредната состојба. Инаку, оваа зграда се гради веќе шест години. Камен-темелникот беше ставен во 2014 година, а една година подоцна почнаа градежните работи.