Во болницата во Кочани има нова хипербарна комора, нема кој да ја стави во функција

Иван Ивановски od „Support Kocani” во вечерешната Топ Тема се осврна на проблемите во кочанската болница. И покрај донацијата која успеале да ја набават за болницата во која донеле хипербарна комора која би помогнала на повредените од пожарот, сепак таа стои надвор од употреба.
„Ние од „Support Kocani” однесовме во болницата во Кочани една машина која ќе им помогне на луѓето за заздравување на раните. До ден денес машината уште не е во функција. Нема специјалист што таа машина ќе ја стави во функција“, вели Ивановски.
Тој потенцира дека како што поминува времето се повеќе се заборава и зборува за Кочани. Ивановски додава дека моменталната ситуација во Кочани можеби од страна изгледа дека е под контрола, но тоа е далеку од вистината.
„Последниот период, како што можете забележите, како да сакаат да не се дискутира толку за Кочани ама затоа ние сме тука од „Support Kocani” и да дискутираме за проблемите кои ги има. Волонтерите секој ден по неколку часа по работа одвојуваме време. Секогаш повторувам и сега ќе повторам ние имаме една главна цел, а тоа е да ги вратиме сите деца кои се во болниците во странство живи и здрави во Кочани. Второ е да им помогнеме и да пружиме помош на останатите кои се веќе во Кочани затоа што моментално не гледаме добра организација. Можеби изгледа дека моменталната ситуација за остатокот од Македонија за Кочани е под контрола, но јас ќе ви кажам дека е многу подалеку од тоа“, објаснува Ивановски.
Благица Сабовљевиќ-Стоименова, граѓански активист и мајка на повреден вели дека Кочани не смее да биде оставено во ваков траор како што се наоѓа сега.
„Повредата е толку осетлива што од минута во минута создава нови проблеми. Едно лечиме, на друго место ни се создава жариште, велат докторите кои ги лекуваат повредените од трагедијата во Кочани. Секој ден нови проблеми кај дечињата во првите три недели се јавуваа, многу непланирани операции, кои и докторите не ги очекуваа. Толку е комплексна таа повреда, тие 190 дечиња, што ќе ги носат со години, и што никој од медицинските лица не им гарантира одреден рок за заздравување. Тоа ќе биде долг процес за рехабилитација“, објаснува таа.