Во болница во Индија во еден ден починале 12 бебиња


 Дванаесет бебиња починаа за еден ден во болница во индиската држава Махараштра, што предизвика гнев во јавноста, а опозицијата ја обвини регионалната власт и раководството на болницата за небрежност.

Бебињата починале во неделата и се меѓу 24-те смртни случаи тој ден во државната болница Шанкарао Чаван во областа Нандед, на околу 600 километри од Мумбаи.

Еден од сведоците, кој е чичко на починато дете, рече дека тој ден во неонаталното одделение во болницата било преполно и дека во еден инкубатор биле сместени дури четири или пет бебиња.

Директорот на болницата Шјамрао Вакоде не одговори во врска со наводите или обвинувањата на опозицијата за небрежност.

Тој за новинската агенција АНИ изјави дека 12 возрасни пациенти починале од различни болести, вклучувајќи дијабетес, откажување на црниот дроб и откажување на бубрезите.

Директорот тврди дека нема недостиг на лекови или лекари и дека на пациентите им била укажана соодветна помош, но тие не реагирале на терапијата.

Властите започнаа истрага за смртта на доенчињата и другите пациенти во болницата.