Во битолските училишта има 12 позитивни ученици


Епидемиолошката слика во Битола е стабилна, но има хоспитализирани и 20-годишни пациенти

 

БИТОЛА – Во овој момент само 12 ученици од битолските основи и средни училишта се ковид позитивни и плус 10 се во изолација поради контакт со позитивно лице на вирусот. Ова е состојба која според општинските власт е потврда дека начинот на кој се одвива наставата во Битола не е причина за никаква трансмисија во рамките на образованите институции.

„Од над 7.600 ученици во основно образование и над 3.600 во средно образование само 12 ученици се позитивни, што покажува дека процентуално навистина стоиме добро и дека нема никаква епидемиолошка критична слика, туку дека онака како што се одвива наставата во овие околности и услови имама сериозно добра ситуација која овозможува да се извршува и изведува наставата онака како што треба“, изјави денска градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

Вчера во Битола беа регистрирани 19 новозаболени со што вкупната бројка на активно болни изнесува 257. Во изминатите денови имаше и тројца починати пациенти, сите во болнички услови.  Деновиве меѓу болнички лекуваните има и млади лица од дваесетина години, а на преглед дошле и тинејџери, средношколци.

„Вкупниот број на хоспитализирани денеска изнесува 25 и тие се на возраст од 20 до 85 години. Во просек во инфективната амбуланта дневно се прегледуваат од 20 до 40 пациенти, а во последните десет дена на преглед биле и двајца пациенти на возраст од 15 и 16 години“, изјави за „Независен“, д-р Билјана Гагачовска директор на Клиничка болница Битола.

Хоспитализираните пациенти во Битола се сместени во Инфективното одделение.

Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека епидемиолошката состојба во градот се оценува како стабилна и не се очекува зголемен број на заболени поврзани со одржувањето на ИФФК „Браќа Манаки“ кој заврши пред еден ден. (А.Б.)