Во Битола вирусот се шири во семејни кластери и меѓу колеги


БИТОЛА – За првпат од почетокот на корона кризата во Битола, денеска се регистрирани дури 11 новозаболени со што вкупниот број на ковид позитивни во градот се искачи на 84. Во Битола од вкупниот број активни случаи (41), 12 лица се хоспитализирани, а 29 се на домашно лекување. Во моментов активни се четири кластери, три фамилијарни и еден кластер е поврзан со работна организација.

„Од вкупниот број на денешните пријавени случаи (11), пет припаѓаат на веќе познат кластер поврзан со работна организација, три даваат податок за контакт со позитивно лице, а три лица не даваат податок за поврзаност. Најголем број од новозаболените се на возраст од 50-59 години (5), тројца се на возраст од 20-29 години и по еден од возрасните групи 30-39, 40-49 и 60-69 години. Од контактите на денешните регистрирани случаи во Битола, за 24 лица е даден предлог до ДСЗИ (Државен санитарен и здравствен инспекторат) за здравcтвен надзор и домашна изолација. Денес регистрирано е едно оздравено лице во Битола кое беше на домашно лекување. До денес регистрирани се 41 оздравено лице“, велат од Центарот за јавно здравје во Битола.

Во Центарот за јавно здравје – Битола и регионот кој го покрива (Битола, Кичево, Ресен и Демир Хисар) заклучно со денешниот ден земени се вкупно 1.462 брисеви за Ковид-19 (828 по епидемиолошки индикации, 304 преку упатување од матичен лекар преку системот „Мој термин“ и 330 брисеви од вработени во градинки за скрининг).

Позитивни резултати за Ковид-19 се добиени кај 317 лица, од кои 84 се со место на живеење во Битола, 82 во Кичево, 12 во Демир Хисар и 139 во Ресен. Според исходот на заболувањето кај 197 лица болеста е во тек (41 од Битола, 70 од Кичево,75 од Ресен и 11 од Д. Хисар), 113 лица се оздравени и кај 7 лица болеста имаше смртен исход.

Во Ресен вкупниот број на оздравени лица изнесува 61.

Во Демир Хисар денес има регистрирано 3 нови случаи. За 11 лица поврзани со денешните нови случаи е даден предлог до ДСЗИ за здравствен надзор и домашна изолација.

Во Кичево денес има регистрирано едно новозаболено лице, а едно лице е регистрирано како оздравено. За три лица поврзани со денешниот случај е даден предлог до ДСЗИ за здравствен надзор и домашна изолација, велат од Центар за јавно здравје – Битола. (А.Б.)