Во Битола славеничка атмосфера и кај власта и кај опозицијата


БИТОЛА – И власта и опозицијата во Битола најавуваат изборна победа, по денешното гласање на предвремените парламентарни избори. Во Битола до 19 часот на гласање излегле 51,58 од гласачите, или 41.060 лица, а и во двата табора грото од гласовите си го препишуваат на свое конто.

Неофицијално, владејачката СДСМ води во Битола, па се создава победничка атмосфера во изборниот штаб.

„Има победничка атмосфера, но да оставиме да покаже пребројувањето на гласовите. Според наши сознанија коалиција предводена од СДСМ убедливо води пред ВМРО ДПМНЕ“, изјави Невена Димовска, портпарол на СДСМ-Битола.

Денеска во Битола во изборниот штаб во текот на денот на кратко присуствувала и носителката на ИЕ  5 Радмила Шекринска во друштво со министерот за здравство Венко Филипче.

Од ВМРО ДПМНЕ најавуваат разлика со неколку илјади гласови  во корист на опозицијата.

„И покрај сите нерегуларности кои имавме денес во Битола како резултат на притисоците кои што ги правеше власта врз гласачите, сепак ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе бидат победници во Битола“, вели Иванчо Тошевски претседател на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.  (А.Б.)