Во Битола СДСМ постави нов лидер, во Прилеп го остави стариот


Согласно статутарните овластувања, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, назначи уште 40 нови претседатели на општински организации на партијата откако пред две недели беа назначени 30 претседатели.

Во вториот бран назначувања беа опфатени неколку поголеми градови во надворешноста. Со прилепската организација повторно ќе раководи Миле Талески. Битолската централа, пак, ќе ја води Златко Ќурчиевски, откако Васко Талески беше разрешен и неодамна беше именуван за член на извршниот одбор на социјалдемократите. Со партиската организација во Велес ќе раководи Стево Крстевски, во Кичево таа задача ѝ е доделена на Габриела Ристовски, а во Струмица на Марјан Даскаловски.

Досегашниот прв човек на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски, кој си замина од оваа функција поради инцидентот во кој беа инволвирани ексфункционерите на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, ќе раководи со партиската организација на СДСМ во општина Бутел.

„Станува збор за одговорни личности, чесни, способни, кои уживаат висок кредибилитет во местата во кои живеат. Во наредните неколку дена ќе бидат именувани и претседателите на уште неколку општински организации на СДСМ кои преостануваат да бидат избрани“, велат од СДСМ.

Меѓу оние кои ќе треба да бидат назначи е и претседателот на Градската организација на СДСМ, која досега ја водеше Александар Бајдевски, актуелен заменик-министер за локална самоуправа.

Целосната кадровска смена на локалните организации во владејачката партија се случи минатиот месец како прв чекор во рамките на т. н „метла“ на премиерот Зоран Заев. Тој ги разреши сите 78 претседатели на општинските организации, а оние што работеле добро ги охрабри повторно да се кандидираат за партиските структури. (П.Р.)