Во Битола протест на родители на деца со попречености


 

БИТОЛА – Родители и блиски роднини на деца со попречености  со блокада на дел од регионалниот пат Битола-Прилеп денеска во Битола излегоа на протест со нивните деца и бараат од Владата двојно да се зголеми посебниот  додаток, додатокот за туѓа нега, на децата да им се обезбедат  персонални асистенти или минимална плата за еден од родителите. Семејствата на децата со попречености велат дека цели три децении средствата од државата не се зголемени, а актуелната економската криза значително го оптоварува семејниот буџет. 

„Излеговме на протест бидејќи пред две недели беа поднесени предлог измени во Законот за детска заштита во делот за посебен додаток. Пратениците не го изгласаа. Додатокот изнесува 5.000 денари и бараме да се зголеми за 100 отсто. Да се вратат измените во парламентот и да се изгласаат. Цели 30 години од осамостојувањето на државата парите не се зголемени, а се̍ е поскапено. Сите излегуваат на протест, преговараат, а со нас никој не преговара“, рече Горан Камчевски,  родител на дете со попреченост.

Најголем дела од родителите на децата со попреченост не можат да бараат работа затоа што нема на кого да ги остават своите деца. Па така живеат на раб на егзистенција. Она што посебно ги иритира во последниот период,  е како што велат фактот што државата повеќе се занимава со отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов “ во Битола отколку со нивниот горлив проблем.

„Тема на вестите е бугарскиот клуб, а за нас никој нема слух. Се боревме да добијат асистенти, го нема тоа, па едниот родител мора да биде постојано со детето. Бараме на едниот родител да му се даде минимална плата за да има со што да ги покрие трошоците за лекови, памперси за децата“, рече Гоце Лефтеровски, родител. 

Според достапните информации во Македонија има околу 15 илјади деца и возрасни лица со попречености. (А.Б.)