Во Битола конституиран Совет за женско претприемништво


Во Битола е конституиран Совет за женско претприемништво, а за прва претседателка избрана е Ана Ристевска.

Советот за женско претприемништво има цел да ги претставува и застапува интересите на актуелните и потенцијални жени претприемачки во општина Битола.

Советот во наредниот период ќе дава мислења и препораки за прашања од интерес на женското претприемништво и еднаквите можности, креирање на планови, стратегии и политики за поддршка на жените претприемачки и економско зајакнување на жените. На конститутивната седница, за значењето на женското претприемништво, говореа координаторката за Пелагонискиот регион на националната платформа за претприемништво, Даниела Цветановска и правниот советник Талија Петреска. Присутните членки на Советот, ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски

-Сигурен сум дека, сите вие кои се пријавивте на јавниот повик на општината за членки на овој совет, имате силна визија и верувате во успешната поддршка која може да ја даде ова тело за економското јакнење на жената, затоа што познавајќи ве и самите сте добар пример за големите достигнувања на женската ангажираност во областите во кои работите или дејностите кои ги менаџирате. Преку споделување на вашите знаења, искуства, идеи и иницијативи, очекувам општината да даде поттик и поддршка во застапувањето на интересите на актуелните и потенцијалните жени претприемачки во Битола, а преку програмите и плановите кои ќе ги донесете, заедно да овозможиме економско зајакнување на жените, рече градоначалникот Коњановски.

Членовите на Советот за женско претприемништво, освен претседателка, избраа две заменички, и таа функција ќе ја вршат, Оливера Пандаревиќ и Моника Марковска.