Во Берлин најдено тело на руски дипломат – фрлен низ прозорецот на амбасадата?

Во Берлин, Германија најдено е мртво тело на еден руски дипломат. Дали се работи за шпион и како настрадал, со овие прашања се занимаваат германските безбедносни служби, пишува „Дојче веле“, а пренесува „Индекс“.
Берлински полицајци, кои ја чуваат зградата на руската амбасада во центарот на Берлин, во раните утрински часови на 19 октомври, нашле безживотно тело.
Фрлен низ прозорец?
Лешот се наоѓал веднаш покрај влезот во конзуларниот оддел, на плочникот. Човекот очигледно бил фрлен од прозорец. Обидите за реанимација пропаднале, а тој имал само 35 години.
Мажот е акредитиран како руски диплоат и веќе две години бил стациониран во Берлин – и тоа како „втор секретар на амбасадата“. Претходно бил на служба во други земји, меѓу кои и во Австрија. Со оглед на дипломатскиот имунитет, берлинската полиција не смее да работи на истрагата во овој случај.
Посмртните останки на мажот се префрлени во Русија. Амбасадата соопшти дека се работи за трагична несреќа и дека секоја шпекулација се смета за погрешна.
За тоа се разговарало и кај канцеларката
Но, случајот и понатаму ја интригира германската безбедносна служба. Смртта на дипломатскиот службеник била тема и во текот на претставувањето на неделниот извештај на тајните служби во Канцеларијата на Меркел. Затоа, можно е дипломатскиот статус на тој човек да бил само параван – и можно е да се работело за руски шпион.
Во секој случај, таткото на 35-годишникот е високорангиран соработник на руската разузнавачка служба ФСБ. Тој, како што се наведува е шеф на одделот кој меѓудругото е задолжен за прогон, дури и за убиства на терористи, како и декларирани непријатели на држави и Уставот. Германските безбедносни служби поаѓаат од тоа дека не мора нужно да значи дека и неговиот син, кој е пронајден мртов во Берлин, навистина работел за ФСБ.
Нема докази дека бил шпион
Како што се дознава од безбедносни кругови, досега не се најдени докази кои би покажале дека овој дипломат во Германија бил активен по налог на ФСБ. Исто така, ништо не укажува на тоа дека имал врска со убиството на еден чеченски егзилант, кој во летото 2019 година бил ликвидиран во берлинскиот парк „Клинер тиргартен“. Но, не е исклучено и дека тој работел за друга руска тајна служба.
Дипломатските претставништва, како амбасади и конзулати, традиционално се упоришта на разузнавачките служби. И тоа потполно службено, тоа го знае и секоја земја домаќин. Стручниот термин за тоа во Германија е „Legalresidentur”, односно во слободен превод – легално претставништво на тајната служба во странство.
Речиси секоја држава која во Германија има своја амбасада освен дипломати акредитира и службени претставници на своите безбедносни служби, како Службата за заштита на уставниот поредок БНД. И руските служби секогаш имаат такво контакт-лице.
Осомничени (наводни) дипломати
Покрај нив, често постојат и други разузнавачи, кои не се пријавени како такви, туку се „преправени“ во дипломати. Токму во случајот на Русија бројот на тие камуфлирани шпиони може да биде прилично голем. Се претпоставува дека четвртина од дипломатскиот персонал шпионира за руската тајна служба ФСБ, за СВР или за воената ГРУ.
Дипломатскиот статус на тие шпиони во Германија ги штити од казнен прогон, но тие сепак се на „мета“ на контрашпионажната служба за заштита на уставниот поредок на Германија, која врши надзор на агентите, прислушкува телефони, и проверува пошта со години.
Русија купува доверливи информации
Како резултат на тоа многу лица кои на Германците им паднаа во очи, се уапсени или осудувани затоа што биле активни доушници на руските разузнавачки служби – или тоа сакале да станат.
Пред неколку години, на пример, еден соработник на БНД се обиде на Русите да им продаде интерни пораки на својата служба. Понудата ја прати по е-маил на адреса на рускиот генерален конзулат во Минхен. Руските шпиони не му одговорија, но до информациите дојде Службата за заштита на уставниот поредок. На крај се утврди дека тој порано продавал службани тајни на американската ЦИА.
Во летото 2017 година соработник од една фирма која била задолжена за одржување електронски уреди во Бундестагот прати писмо на адреса на руската амбасада во Берлин.
На пратката немало адреса на праќачот, а била наменета за руското воено аташе. Службата за заштита на уставниот поредок ја пресретна поштата и во писмито откри ЦД со 385 документи во .pdf-формат со план на германскиот Биндестаг, информации за канцелариите и другите простории.
Научник продавал информации на Русите?
Во јуни германското државно обвинителство наложи апсење на еден соработник од Универзитетот во Аугсбург, кој наводно делувал како извор на руската тајна служба.
Научниот соработник на возраст од 29 години осомничен е дека најмалку три пати се состанал со еден руски шпион и дека му предал некои информации од својот универзитет. За тоа, како што се наведува, добивал пари.
Неговата адвокатка тоа го демантира и тврди дека нејзиниот клиент на еден свој руски познаник само му предал информации кои и онака биле јавно објавени.
Наводен шеф со дипломатски пасош
Кога бил уапсен 29-годишникот од Аугсбург, со него бил и наводен „шеф“ (односно офицер за врска) на руските агенти од рускиот генерален конзулат во Минхен. Тој на полицајците им покажал дипломатски пасош, и тие морале да го пуштат.
Следењето на шпионскит активности, кои според наводите на Службата за заштита на уставниот поредок ги објавуваат од самите амбасади и конзулати е долготрајна и макотрпна работа и за германските безбедносни служби. Ако навистина се сака да се дознае што воопшто се случува меѓу шпионите во дипломатските претставништва, мора да се врбуваат извори во амбасадите, нагласуваат од Службата за заштита на уставниот поредок, по откритијата на Сноуден за шпионските акции на американската тајна служба НСА. Но, за тоа долго време немаше „зелено светло“ од страна на сојузната влада.