Во Берлин на 3 ноември самит на Берлинскиот процес за Западен Балкан


Германија – На покана на германскиот канцелар Олаф Шолц в четврток во Берлин ќе се одржи Самит за Западен Балкан, како дел од таканаречениот Берлински процес, соопшти кабинетот на германскиот канцелар.

На самитот ќе присуствуваат „шефовите на влади на шесте земји од Западен Балкан, претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, поранешните домаќини на самитот на Балканскиот процес од 2014 година, неколку членки на Европската Унија од регионот, како и највисоките претставници на регионалните и меѓународните организации“, се вели во соопштението.

Како што пренесува Бета, средбата е пред сè со цел натамошно интензивирање на соработката меѓу земјите од Западен Балкан.

Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската Влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.

По тој самит во Берлин, домаќини беа Виена во 2015 година, Париз во 2016 година, Трст во 2017 година, Лондон во 2018 година, Познан во 2019 година и Софија во 2020 година.

Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на регионот во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот.

Како дел од Берлинскиот процес, секоја година се организираат серија состаноци на претставници на политиката, бизнисот и граѓанското општество.

Оваа година на 20 октомври се одржа состанок на министрите за внатрешни работи, а на 21 октомври за надворешни работи на земјите учеснички.

На тие состаноци, кои исто така се одржаа во Берлин, беа поканети министри од Австрија, Бугарија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, како и претставници од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.

Учествуваа и претставници на Европската комисија и меѓународни организации.