Во Белград завршна предизборна конвенција и протестно шетање на проевропската опозиција „Србија против насилството“


Во Белград, на Плоштадот на Републиката се одржа голем изборен митинг и завршна предизборна конвенција на проевропската коалиција „Србија против насилството“ која заврши со протестно шетање до Републичката изборна комисија (РИК), јави дописникот на МИА од Белград.

Кандидатот за градоначалник на Белград од листата „Србија против насилството“, Владимир Обрадовиќ, вечерва изјави дека „промените веќе почнаа-промени на подобро“ и дека во недела Српската напредна партија (СНС) по 10 години ќе ја напушти власта во Белград.

Првиот на листата „Србија против насилство“, Радомир Лазовиќ, кажа дека од митингот ќе бидат испратени две важни пораки.

-Првата е дека дојде време за промени во Србија. Имаме план како да го запреме криминалот, имаме план како да го запреме поскапувањето и како прв чекор по промената на власта ќе ги исполниме сите барања на протестите „Србија против насилството“ и повлекување на националните фреквенции на Пинк и Хепи. И втората важна порака што ќе ја испратиме при прошетката до РИК е дека ќе се бориме против изборната кражба и ќе ја браниме изборната волја на граѓаните, кажа Лазовиќ.

Проевропската опозиција ја сочинуваат Партијата за слобода и правда (ССП), Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт/Не го давиме Белград, Еколошкото востание, Демократската партија (ДС), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), партијата Заедно, Здравко Понош-„Срце“ и синдикатот Слога, кои се договорија заеднички да учествуваат на изборите на основа на добрата соработка во парламентот, заедничката организација на протестите „Србија против насилството. Носители на листата на републичките избори ќе бидат Мирослав Алексиќ и Мариника Тепиќ, додека прв на листата ќе биде Радомир Лазовиќ, а на изборите во Белград носители ќе бидат Добрица Веселиновиќ и Владимир Обрадовиќ, кој ќе биде кандидат за градоначалник. Зад ова листа е Драган Ѓилас, лидерот на (ССП).

Ширум Србија до петок на полноќ, кога започнува изборниот молк, за одржување на гласањето во недела, 17 декември, секојдневно се одржуваат предизборни митинзи, од кои најбројни се оние на коалицијата на Српската напредна странка (СНС)-„Србија не смее да застане“ зад која е претседателот Александар Вучиќ и на Социјалистичката партија на Србија (СПС)-„Ивица Дачиќ за премер-Тома Фила за градоначалник“.