Во Белград одбележана 15-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово


 

Петнаесетгодишнината од прогласувањето на независноста на Косово беше одбележана на 22 февруари во Белград, во организација на Канцеларијата за врски на Приштина во овој град, потврди пратеникот во Собранието на Србија, Шаип Камбери, како и советничката на косовскиот премиер Ардита Синани, која е и поранешна претседателка на општина Прешево во Србија.

Околу ова Камбери двапати се огласи на Фејсбук со кратки пораки.

Тој изјави дека одбележувањето на годишнината го организирала Канцеларијата за врски на Приштина.

„Ова е прв пат од отворањето на Канцеларијата за врски, Денот на независноста на Косово да се слави во Белград“, рече Камбери во објавата на Фејсбук.

Истовремено, Камбери објави неколку фотографии на кои се гледа дека во просторијата во која се собрани десетици луѓе, истовремено е поставено и косовското знаме.

Камбери се фотографираше покрај знамето на Косово заедно со офицерот за врски на Приштина во Белград, Јетиш Јашари.

„Прославата на 15-годишнината од независноста на Република Косово во Белград беше посебна. Многу значајна симболика. Токму затоа признавањето на реалноста од главниот град на Србија за Република Косово ќе биде шанса за демократизација на Србија“, рече Ардита во објавата на Фејсбук.

Таа вели и дека „признавањето на реалноста“ и почитувањето на принципот на реципроцитет на малцинските права е гаранција за долгорочен мир на Западен Балкан.