Во Белград ќе се гради метро од крајот на годината


Српскиот министер за финансии Синиша Мали потпиша денеска заеднички меморандум за изградба на белградското метро меѓу Владата на Србија, градот Белград, кинеската компанија „Пауер Чајна“ и француските компании „Алстом“ и „Ежис рејл“, со кој се дефинираат правата за изградба на метрото, според кои Французите ќе работат на електромашинскиот дел, додека Кинезите ќе изведуваат градежни работи, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерот Мали најави дека изградбата на првата линија на белградското метро од Железник до Миријево ќе започне кон крајот на годината.

Првата линија на метрото треба да сообраќа од Макишко поле преку Белград на вода, центарот на градот и Карабурма до Миријево, во должина од 21,3 километри. Втората линија ќе се движи од Миријево до Нов Белград и Земун, во должина од 19,2 километри.

Вредноста на договорот е 581 милион евра, од кои 127 милиони евра се наменети за подобрување на ефикасноста на електродистрибутивната мрежа, додека 454 ќе бидат инвестирани во изградбата на првата линија на метрото, кои се обезбедени од француската Влада.

Министерството за градежништво претходно објави дека првата линија на метрото во Белград, од Макишко поле до Миријево, може да се заврши за три години од почетокот на работите, додека заменик градоначалникот на Белград, Горан Весиќ најави дека првата линија на белградското метро ќе биде завршена во 2028 година.

Претставници на компаниите од Франција и Кина, кои ќе бидат ангажирани во изградбата на метрото, изјавија дека проектот е важен не само за Белград, туку и за цела Србија, и дека ќе се гради според најновите технологии.