Во Белград ќе има нови избори


Собранието на град Белград денеска не беше конституирано, откако претседавачот Тома Фила констатираше дека повторно нема кворум и дека е истечен рокот за формирање власт во главниот град на Србија, со што се создадени услови да се распишат нови избори, јави дописникот на МИА од Белград.

-Како што и ви кажав – избори, рече Фила и ја заврши седницата.

Во салата немаше одборници на власта и опозицијата. Ова беше трет обид за конституирање на собранието на Белград. Седницата со која претседаваше Тома Фила првпат беше одложена на 19 февруари поради немање кворум, а потоа и на 1 март поради истата причина.

Согласно Законот за локална самоуправа, доколку собранието не се конституира во рок од два месеца од објавувањето на резултатите од изборите (03.01.2024 година), се именува привремен орган и се распишуваат избори. Бидејќи денеска не е конституирано Градското собрание и не се избрани претседател на градското собрание и секретар, создадени се услови да се распишат нови избори.

Тие избори треба да ги распише претседателот на српскиот парламент во рок од еден месец, а да се одржат во рок од 45 до 60 дена од денот на распишувањето на изборите. Владата треба да назначи Привремена управа која ќе управува со градот до изборите.