Во Белгија се разгледува опцијата за неделно тестирање на целото население

Според експертите едно од решенијата за излез од санитарната криза и рестриктивните мерки е да се тестираат сите граѓани во земјата на неделна база, јави дописничката на МИА од Брисел.

Информацијата ја пренесува денеска националната агенција Белга.

-Тоа е една од можните стратегии за да се спречи трет бран, но за тоа ќе биде потребна политичка одлука, изјави за агенцијата Питер Лубин.

Идејата е секоја недела да се тестира целокупното белгиско население за да се детектираат позитивните случаи и да се изолираат на време за да исчезне целосно вирусот. Генерализираното тестирање би се правело преку групи од 32 лица, доколку една е група е позитивна, тогаш се вршат индивидуални тестови, вели експертот Лубин.

Сепак постои ризик да се пропуштат случаи поради тоа што околу десет отсто од тестовите се лажни негативни резултати, но експертите тврдат дека работат на доволно сензитивен модел на тестирање.

За да може да се реализира оваа стратегија потребно е стапката на инфекции да се намали, но и самите граѓани да ја прифатат мерката.