Во Белфаст почнува самит за Западен Балкан


Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер ќе биде домаќин на европските сојузници кои ќе разговараат за криминалот поврзан со миграции и безбедност во Западен Балкан, додека британската влада бара начини да го ограничи порастот на илегалните премини со мали чамци преку Ламанш.

Како што пренесе ДПА, Велика Британија ќе вети финансиска поддршка за зајакнување на граничната безбедност и обуката на безбедносните сили во Косово, како и помош за зајакнување на кибер одбраната против закани од руско мешање во регионот.

Британската министерката ќе се сретне со партнери од Албанија, Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и со европски сојузници од Франција, Германија и Италија.

Средбата ќе се одржи во замокот Хилсборо, познат како место каде што е потпишан Белфастскиот (Договорот од Велики Петок). Таму, Купер ќе објави 4 милиони фунти (околу 5,3 милиони долари) за борба против руските закани насочени кон „дестабилизација на регионот“ и „разгорување на етнички тензии“, соопшти британското Министерство за надворешни работи.

Пред состанокот, Купер ќе најави и инвестиција од 10 милиони фунти за програми насочени кон спречување на шверцувањето луѓе во Западен Балкан и други клучни региони.

Во исто време, дел од персоналот на Министерството за надворешни работи ќе биде пренасочен за да се фокусира повеќе на прашањата за миграција, вклучувајќи преговори со други земји за враќање на лица кои немаат право да останат во Велика Британија.

Западен Балкан претставува клучна транзитна рута за мигранти кои патуваат кон Европската унија и Велика Британија. Минатата година биле регистрирани околу 22.000 нелегални премини на границата, според британското Министерство за надворешни работи.

– Од заеднички интерес е да ја заштитиме безбедноста и стабилноста на Западен Балкан. Мораме да бидеме свесни за сите закани со кои се соочуваат нашите партнери, од руските напори да ги оживеат етничките тензии, до одвратните банди за шверцување луѓе кои тргуваат со човечки животи, изјави Купер.

– Меѓународната соработка е клучна за да го поттикнеме економскиот раст, да ја зајакнеме нашата национална безбедност и да ги обезбедиме границите. Партнерствата што ги градиме во странство нè прават посилни дома, додаде таа.

– Поддршката што им ја даваме на нашите партнери на Западен Балкан во борбата против шверцувањето луѓе директно ќе влијае на синџирите на снабдување и профитите на организираните криминални мрежи, намалувајќи ја заканата што тие ја претставуваат за Велика Британија, рече шефицата на британската дипломатија.

Ова се случува во момент кога британската влада се соочува со зголемен број мигранти што ја преминуваат Ла Манш со мали чамци, чиј број достигна 34.401 оваа година, што би можело да биде највисок број досега, според податоци од Министерството за внатрешни работи.

Спогодбата „еден внатре, еден надвор“, постигната со Франција претходно оваа година, досега овозможила враќање на 18 лица кои ја поминале опасната маршрута.

Состанокот на министрите за надворешни работи во Белфаст е дел од претседавањето на Велика Британија со Берлинскиот процес во 2025 година.