Во австралиската држава Викторија рекорден број заразени со Ковид-19

Австралиската држава Викторија соопшти за рекордни 484 нови случаи на заразени со Ковид-19, а здравствените власти предупредуваа дека таа цифра може да продолжи да се зголемува.

Откако вториот најголем град во Австралија, Мелбурн, е затворен две недели, властите се надеваа дека стапката на инфекција ќе започне да паѓа. Наместо тоа, шефот на здравствената служба, Брет Сатон, вели дека се очекува бројот на заразени да се зголеми од 500 до 600 случаи на ден.

Премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус изјави дека девет од 10 лица не биле во изолација од моментот кога симптомите се појавиле до тестот, додека повеќе од половина не се изолирале во периодот од тестот до резултатите.

Тој рече дека две лица починале, со што вкупниот број на смртни случаи е 128. Носењето маски е задолжително од утре за граѓаните кои живеат во карантински региони.

Во соседниот Нов Јужен Велс, денеска се пријавени 16 нови заразени.