Во Албанија вкупно потврдени 750 случаи на Ковид-19


Со новопотврдените 14 случаи, во последното деноноќие, вкупната бројка на заразени со Ковид-19 во Албанија се зголеми на 750 лица. Во исто време регистрирани се и двајца починати пациенти или вкупно 30 лица.

– Синоќа почина 73-годишен маж од Драч, кој беше хоспитализиран во болницата „Шефќет Ндроќи“ и речиси еден месец беше во тешка состојба со акутна респиратона инсуфиенца. Утрово во Инфективната клиника почина 52-годишен маж од Круја, кој осум дена беше интубиран. Со тоа бројот на оние кои ја загубија битката со ова заболување се зголеми на 30, информираше диреторка на Институтот за јавно здравје Албана Фицо.

Таа додаде дека во последните 24 часа во списокот на оздравени се внесени уште девет пациенти или 431 од вкупно заразените. В моментот 289 лица се активни со Ковид-19, што потврдува дека бројот на оздравените е поголем.

Во Албанија досега се тестирани 7.758 сомнителни случаи, чија просечната возраст е 46,8 години.

Фицо информираше дека во Инфективната клиника и во болницата „Шефќет Ндроќи“ хоспитализирани се 32 пациента, од нив петмина се на интензивна терапија, од кои двајца во тешка состојба.
Најголем број од заболените се во Тирана (309), Скадар (107) и Круја (97).