Во Албанија училиштата ќе се отворат само за полагање државна матура


Фото: Б. Грданоски

Поради пандемијата со Ковид-19 учебната 2019/2020 година во Албанија ќе заврши без можност учениците и студентите да се вратат во училишните простории.

Информацијата вечерва ја соопшти министерката за образование Беса Шахини преку онлајн комуникација.

-Како што ви ветив, би сакала да ве информирам за одлуката што ја донесовме, за крајот на учебната година. Училиштата и универзитетите во Албанија, кои беа затворени на деветти март, ќе останат затворени поради ситуацијата предизвикана од глобалната пандемија, Ковид-19. Повторно ќе се отворат во септември,изјави Шахини.

Таа додаде дека училиштата ќе се отворат само за матурантите и тоа од 28 мај до петти јуни.

-Одлучивме да ги отвориме училишта за матурантите и тоа од 18 мај до 5 јуни за полагање на предметите од државната матура,со почитување на социјална дистанца. Во училниците ќе се дозволува присуство на 10-12 до максимум 15 ученици. За таа цел ќе користиме и објекти на основни училишта, рече министерката Шахини.

Посочи дека наставата од далечина за сите учениците од деветолетките и трите години на средните училишта, ќе продолжи до 29 мај кога и завршува учебната година или две недели порано од вообичаено.

-Причината за донесување ваква одлука е големиот број ученици во училиштата. Од катастрофалниот земјотрес од 26 ноември дел од училишните објекти се урнати а дел многу оштетени, поради што во останатите училишта наставата се одвиваше и во две смени,па не можeме да обезбедиме социјална дистанца, објасни Шахини.