Во Албанија лани извршени 35 убиства, најмалку во последните три децении


 Албанскиот министер за внатрешни работи Таулант Бала изјави дека во изминатата година во земјата биле регистрирани 35 убиства, што е најниската бројка што е забележана во последните 30 години.

-Имаме драстично намалување на убиствата, со 35 убиства до 31 декември, наспроти 107 во 2013 година и 124 во 2012 година.  Тоа е бројка  што Албанија никогаш ја немала во последните 30 години, рече Бала.

Според него 1/3 од случаите се кривични дела во семејството, како денешниот настан во Тирана, кога брат си го убил братот, па се самоубил поради нерасчистени имотни односи.

Поради тоа тој побарал од властите “железна рака против родовото насилство”.

– Побарав од локалната полиција железна рака против родовото насилство и поддршка за сите жртви на насилство. Со скршено срце велам дека во 2023 година имаше 4.600 случаи на семејно насилство, 2.000 тужбени барања со налог за заштита, што е  неприфатлива ситуација, констатира првиот албански полицаец.