Во Албанија 22 новозаразени со Ковид-19


Иако со бавно темпо, билансот на заразените од Ковид-19 во Албанија се зголемува. Во последното деноноќие од тестираните 233 сомнителни случаи позитивен резултат има кај 22, со што вкупниот број на инфицирани со новиот корона вирус  се зголеми на 584 лица.

Најголем број од новозаболените или 12 се од градот  Курбин, каде пред три дена беа потврдени првите случаи на заразени. Станува збор за  вработени во погон за производство на чевли, поради што погонот во кој имало 250 вработени е затворен.

– Во последните 24 часа, 13 други пациенти се додадени на списокот на излекувани, со што нивниот број изнесува 327 лица. Во моментов во нашата земја има 231 активни заразени лица. Процентот на закрепнување е поголем во однос на активните заразени и овој тренд трае повеќе од една недела. За жал, до денеска 26 лица ја изгубија битката со болеста и покрај напорите на медицинскиот персонал, се наведува во соопштението на албанското Министертво за здравство и социјална заштита.

Според истиот извор во Инфективната клиника и болницата „Шефќет Нроќи“ сместени се 44 пациенти, од нив 10 се на интензивна терапија, од кои петмина се во тешка состојба.

И понатаму најголем број од заразените со Ковид-19 се од Тирана  или 253, потоа од Скадар – 99, Драч – 42 и Фиер 36 лица.