Во 75 општини ќе се спроведат 99 проекти со пренаменетите пари за изградба на карго аеродром


На седница на Владата денеска е донесена одлука со која е одобрена предлог листа на 99 проекти во 75 општини за финансирање од дополнителни средства кои се обезбедија со пренамена на 35 милиони евра од ТАВ што беа предвидени за изградба на карго аеродром во Штип.

-Со оваа одлука се обезбедени 35 милиони евра за 99 проекти за 75 општини кои се одобрени за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациски мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи, и за други проекти што ги предложија општините и што се прифатени со оваа одлука на Владата на Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.

На денешната седница е донесена и Одлука за одобрување средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во висина од 30.000.000 денари на Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради КОВИД – 19 кризата.