Во 59 полициски акции во Струшко запленети стотици кубици дрва


Стотици метри кубни нелегално исечени дрва запленила полицијата при редовни контроли во Струшкиот регион во изминатите девет месеци. Покрај дрвата, полицијата запленила и моторни возила со кои се пренесувале, а поднесени се 11 кривични пријави против сторители на нелегална сеча на шуми и нелегална трговија со дрва.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски информира дека во полициските акции за сузбивање на нелегалната сеча на дрва од почетокот на годината реализирани се 59 контроли низ шумските појаси во Струшко или за 10 повеќе од истиот период лани.

– Имаме зголемување на контролните активности на полициските службеници, кои резултираа со значителна количина дрвна маса и приведување на сторителите на казнените дела. Сите овие активности значат безкомпромисна борба на СВР Охрид против сторителите на казнените дела „нелегална сеча на шуми“, „нелегална трговија со дрва“, „пустошење на шуми“ и слично, вели Димоски.

Дрвата најчесто се пренесувале со џипови без регистарски ознаки, како и патнички моторни возила од кои поголемиот дел биле со поминати сообраќајни документи.

– Не изостанува и транспортот со камиони, а имало и случаи на пренос на нелегално исечени и неозначени со жиг дрва со коњи, како и други начини на транспорт, изјави Димоски.

Жителите на дел од струшките села се жалат на прекумерна и неконтролирана сеча на шумите во нивните опкружувања.

– После осум месеци жителите на селото Октиси повторно се соочуваат со нелегална сеча на дрвата со која се загрозуваат изворите. Немаат право на нивна сопственост, одземени им се од државата. Тотално сум разочаран од целата ситуација, вели претседателот на Месната заедница во Октиси, Енис Мемедоски.

Пред само два дена струшката полиција кај местото викано „Мороишки мост“ во камион кој пренесувал дрва констатирала дека тие се без жиг и со стара испратница. Веднаш била известена шумската полиција во Струга, а камионот бил упатен во шумското стопанство „Јабланица“, каде се истоварени дрвата.