Во 2022 биле запленети 2,4 тони дрога


 
Припадниците на Министерството за внатрешни работи минатата година заплениле 2,4 тони дрога со вредност од околу шест милиони евра, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
 
„Најголемиот дел од заплените се марихуана, меѓутоа имаме и хашиш, имаме и кокаин, има и хероин, амфетамини и околу 20 тони прекурсори за производство на синтетичка дрога. Пред 2,5 месеци имавме уништено најголема количина од 90-та година до денеска на дрога – некаде 10,3 тони наркотична дрога. Имаме притоа спречено неколку меѓународни транспорти на дрога по меѓународни канали кои поминуваат од соседството. Сето тоа останува приоритет и во наредниот период за овие криминални структури кои се занимаваат со разни видови на криминали да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Спасовски во интервју на ТВ Плус.
 
Тој потенцира дека 2022 за МВР била успешна година, не само во делот на сузбивањето на трговијата со дрога и оружје, туку и  генерално. Спасовски рече дека борбата против трговијата со дрога и оружје ќе биде еден од врвните приоритети и годинава.