Во 17 часот одѕивот во Штип е 29,01 отсто, а во Пласница 38,11 проценти


Одѕивот на гласачи за предвремените избори за градоначалник  до 17 часот во Општина Штип изнесува 29,01 отсто, односно гласале 11.701 гласач,  додека во Општина Пласница гласале 1.888 гласачи,  што е 38,11 проценти од избирачите со право на глас, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

До овој момент до ДИК не се пристигнати никакви приговори во однос на изборниот процес.

Деталните информации во однос на излезеноста на гласање , како и резултатите во живо после завршувањето на гласањето можат да бидат следени на веб страницата www.lokalni2020.sec.mk .

Право на глас за предвремените избори за градноначалник во Штип имаат вкупно 41.177 гласачи, додека во Пласница 4.954. За да се прогласат изборите за успешни треба во првиот круг да излезат најмалку една третина од избирачите. Во Пласница тој праг е веќе поминат, додека за Штип таа бројка во избирачи е 13.926, што значи дека од 17 до 19 часот треба да излезат уште 2.275 гласачи.

Доколку не се постигне прагот, тогаш изборите пропаѓаат и целата постапка се повторува.

Во СВР Штип претпладне во 10,25 часот е пријавено од член на Избирачки одбор дека на гласачкото место 2276 лоцирано во штипската  детската градинка „Вера Циривири Трена“ лица на возраст од 72 и 67 години гласале на посоченото гласачкото место иако биле позитивни и биле во списокот за изолација од Ковид-19. На списокот за изолација се од 12 декември 2020.

Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова  изјави дека е известен јавен обвинител по чија насока по комплитирање на случајот против лицата ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Како што информира претседателката на Општинската изборна комисија, Сенка Андреева процесот на гласање на гласачкото место не бил прикинат и при најмал сомнеж дека е загрозен процесот на гласање се праќа екипа од Центарот за јавно здравје да направи дезинфекција.