Внукот на Ахмети ќе гради и електрана без пари
Компанијата „Thor Industries“ на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, потврди дека лани не остварила никакви приходи, но причина за тоа биле направените значитрелни инвестиции таа година.
-Во 2021 година, „Thor Industries“ не оствари никакви приходи, но имаше значителни инвестиции за истата година. За 2022 година оперативната добивка за Thor Industries беше 367.943 евра. (Втората компанија на Ахмети) Everest XH.D. има проценета вредност на концесија од 5 милиони евра, компанијата Потам Плант со проектот за хидроенергија има проценета вредност на инвестицијата од 400.000 евра. Everest XH.D и „Thor Industries“ имаат вкупна вредност на средства од 7.500.000-8.000.000 евра, соопштија од компанијата која стана еден од сопствениците на комерцијалниот центар Соравиа. Според нив, компанијата партнер од Албанија, ПЕ-ВЛА-КУ, досега не работела воопшто во Македонија и нема врска со проектот Радика.
Околу информациите дека Дрин Ахмети добил концесија за изградба на мала хидроцентрала на Бачишка Река 3 на име на компанијата Еверест на седница на која присуствуваа министрите Бујар Османи и Крешник Бектеши, а со рок на траење од 23 години и вредност од 1,2 милиони евра, од компанијата одговорија дека концесијата била добиена на јавен тендер.
-На овој тендер учествувавме како приватна компанија на иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање. Ова Министерство распиша тендери за вкупно 27 електрани кои ги дадоа како концесии и на други компании што аплицираа. Дополнително, договорот за концесија со нашата компанија е потпишан во 2023 година, додека во 2019 година го добивме само јавниот тендер. Враќањето на инвестицијата е за 8 години, соопштија од „Thor Industries“.
Од таму негираат дека во постапката имало политичко влијание, бидејќи тендерот бил јавен и отворен за секого.
-Нашата компанија ги исполни сите критериуми за учество на отворениот тендер. Во однос на конкретната концесија што ја добивме, немаше конкуренција од други компании кои се пријавија на тендерот поради конкретната локација, која не беше голема и добра како другите локации.Што се однесува до инвестицијата од 1,2 милиони евра, сè уште бараме финансии за овој конкретен проект, тврдат од тимот на Ахмети.
Според она што го кажаа досега, Ахмети стана сопственик на над 30 проценти од Соравиа без да вложи ниту денар, а сега испаѓа дека нема ни пари да ја гради електраната што ја добил на седница на Владата на која биле Бујар Османи и Крешник Бектеши.