Внимателно се следи епидемиолошката состојба во училиштата


Во училиштата продолжува наставата со физичко присуство на учениците. Надлежните велат дека внимателно ја следат епидемиолошката состојба и таа според нив, овозможува непречено одвивање на наставата со почитување на протоколите. До сега евидентираните позитивни случаи кај учениците и наставниците, биле поради болни во нивните семејства.

Така, во Куманово вкупно 30 ученици и девет наставници се заразени од коронавирусот од почетокот на учебната година до вчера, информираа надлежните од секторот за образование од општината. Тие оценија дека сегашната состојба е стабилна, бидејќи има 21 основно и средно училиште. Вирусот не се шири по училиштата, туку учениците и професорите имале позитивни членови во семејствата. Заболени има во различни училишта и во основните и средните.

Според податоците, во Куманово има 14.807 ученици, а вкупно вработени се 1.720 лица.

Четворица ученици од штипските основни и средни училишта позитивни на коронавирусот, информира Марија Димитрова, директорка на  Центарот за јавно здравје-Штип. Станува збор за двајца ученици од Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“ и по еден од средното електро машинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ и средното медицинско училиште (СОУ) „Јане Сандански“.

Во изолација дополнително заминуваат 20 ученици. Претходните денови со стартот на учебната година во изолација имаше 53 ученици. Бројката на изолирани ученици во штипските основни и средни училишта досега е  73. Од почетокот на учебната година се до денеска регистрирани се осум ученици кои се позитивни на коронавирусот и тројца наставници од основните и средни училишта.

По една недела онлајн настава поради состојбата со Ковид-19 во Кичево, учениците од кичевските средни училишта повторно седнаа во училишните клупи. .

Во текот на завчерашниот ден од Министерството за образование пристигна допис дека се исполнети условите учениците да ја продолжат наставата со физичко присуство.