Внеси боја – кампања за подигнување на свеста за последиците од сивата економија


Сивата економија во Северна Македонија опфаќа приближно една третина од БДП. Тоа се една третина помалку пари за јавните добра што се финансираат од државниот буџет

 

Со симболично боење сива инсталација поставена на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска беше означен почетокот на кампањата „Внеси боја во сивата економија“, чија цел е да ја подигне свеста за последиците од нерегистрираните економски активности врз квалитетот на животот на секој граѓанин, како и да поттикне нивно намалување. Кампањата ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за финансии. Министерот за финансии, Фатмир Бесими истакна дека изминатата година министерството заедно со органите во состав активно работат на Акцискиот план за сузбивање на сивата економија во насока подигање на свеста од последиците од сивата економија и потребата од нејзино намалување.

„Преминот од неформален во формален сектор, би  ја намалил нелојалната конкуренција, би создал услови за рамноправен натпревар меѓу бизнисите, би го зајакнал даночниот морал и би повлекол зголемување на бруто домашниот производ. Ова кажува колку е важно да преземеме итни мерки и акции за сузбивање на неформалната економија. За таа цел во Акцискиот план за сузбивање на сивата економија, се опфатени неколку приоритети: унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, зајакнување на инспекциските служби, унапредување на законската регулатива, како и спроведување мерки во делот на Царинската управа каде ќе бидат опфатени и производите од е-трговијата“, изјави министерот Бесими.  

Сивата економија во Северна Македонија опфаќа приближно една третина од бруто-домашниот производ. Тоа се една третина помалку пари за јавните добра што се финансираат од државниот буџет, а кои ги користи секој граѓанин. Со други зборови, кога сите би плаќале даноци и би барале фискални сметки и фактури, во државниот буџет би имало една третина повеќе пари за јавното здравство – повеќе амбулантни возила, повеќе болнички кревети, повисоки плати за здравствените работници. Повеќе пари за образованието – повеќе градинки и училишта, повисоки плати за образовните работници, нова опрема во училиштата. Повеќе пари за патна инфраструктура и за заштита на животната средина. Сето ова ќе добие боја доколку го намалиме сивото.

„Граѓаните треба активно да се вклучат во поттикнувањето одговорност на владата и приватниот сектор, пред сè преку користење на нивната моќ како потрошувачи за да ги поддржат бизнисите кои работат одговорно. Кога граѓаните плаќаат без да побараат фискална сметка, тие всушност ја поддржуваат сивата економија и стануваат дел од проблемот. Наједноставниот, но многу важен прв чекор кој може да го направат граѓаните е промена во начинот на кој се однесуваат во нивните секојдневни економски интеракции. УНДП ќе продолжи да работи со партнерите за да се постигне подлабоко разбирање на сивата економија, вклучувајќи ги нејзиното мапирање, мерење и следење, со цел да се имплментираат соодветни политики и решенија за зауздување на неформалната економија“, изјава Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.

Кампањата ќе има и едукативна улога со тоа што граѓаните ќе може да се информираат што претставува сивата економија, како може да ја препознаат и кои се последиците од нејзиното поддржување. Клучната порака е дека секој граѓанин може да придонесе за намалување на уделот на сивата економија на тој начин што ќе ги поддржи легалните бизниси и нема да користи производи и услуги за кои не се плаќа данок и кои претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните бизниси. Една од најсигурните алатки за тоа е фискалната сметка, која е гаранција дека данокот е платен.