Вмровските гласачи најмногу гледаат Сител, Алфа и Канал 5
Последното истражување на Националниот демократски институт (НДИ) покажува и еден интересен сегмент – стратификацијата на телевизиските гледачи според гласачките преференци. Така, гласачите на ВМРО-ДПМНЕ најмногу ги следат Сител, Алфа и Канал 5. Според анкетата, вмровските гласачи (кај кои 68 отсто се информираат од телевизиите) најмногу гледаат Сител (55%), потоа Алфа (20%), па Канал 5 (16%).
Оние гласачи кои имаат префренции спрема СДСМ најмногу го следат Канал 5 (28%), па Сител (27%) и ТВ24 (20%). Интересно е што за сдсмовските гласачи телевизијата е помалку извор на информирање отколку кај вмровските – 54 отсто.
На неопределените гласачи најчест извор за информирање им е Алсат (28%), па Сител (27%) и трета по ред е Алфа со 8%.
Резултатите се од теренско истражување лице-в-лице од 13 до 24 април, нарачано од НДИ, со маргина на грешка +/-3,09 процентни поени на 95% ниво на доверба, големина на примерок од 1.003 испитаници на возраст од над 18 години. Истражувањето беше спроведено од ТИМ Институт и финансирано од Националната фондација за демократија.