Вмровците се спасуваат, партијата се жали


Фото: Б.Грданоски

Само што беше донесен во Кривичниот суд, вчера затворската полиција пак го врати во затворот во Шутка поранешниот министер Миле Јанакиески бидејќи рочиштето за „Топлик“ беше одложено. За овој случај заедно со Јанакиески обвинет е и Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а двајцата се во притвор за најновата истрага што ја отвори Обвинителството за гонење за организиран криминал за нелегална продажба на државното земјиште.Сепак и да стигнеа двајцата обвинети на судското рочиште, судењето секако ќе се одложеше бидејќи една од поротничките подолго време е на боледување и судот нема определено замена.

Јанакиески повеќе од една недела штрајкува со глад во затворот во Шутка револтиран поради притворот во околности кога две години е постојано во судница и досега беше секогаш  достапен на органите на прогонот.

Од Кривичниот суд велат дека притворот на Јанакиески му го определил судија на претходна постапка по предлог на надлежниот обвинител. Судот веќе ја одби жалбата што ја поднесоа адвокатите и велат дека судот ќе постапува пак ако има нова жалба.

„При евентуална нова жалба односно барање  од страна на одбраната за укинување или промена на мерката притвор со поблага мерка и прибавено мислење од надлежниот обвинител, согласно Законските одредби, судот во законски утврдениот рок носи одлука и ги запознава странките во постапката“, велат од Кривичниот суд.

Обвинителството засега нема намера да го повлече предлогот за притвор или да бара поблага мерка за поранешниот министер, кој е обвинет во неколку случаи на Специјалното јавно обвинителство и на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Притворот му е одреден по две основи, опасност од бегство и влијание врз сведоци.

„Некој инсистираше и сакаше да биде во притворско одделение, а можеше тоа да се реши со забрана за комуникација со одредени личности“, вели неговиот адвокат, Еленко Миланов.

Иако ниту еден функционер од минатата власт не е во затвор и сите се спасуваат во последен момент, а клучните случаи што треба да го докажат криминалот на минатата власт, „Империја“ и „Талир“, се во мирување, опозициската ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно обвинува за политички прогон. Во последното соопштение, партијата реагира за притворот на осуммината осомничени во предметот „Шпански скали“, поради кој  поранешниот министер Миле Јанакиески беше вратен во притвор.

„Повеќе од 10 дена четири жени се наоѓаат во истражниот затвор Шутка осудени на нечовечки и нехуман третман. Тие се жртви на прогонот на Заев, а единствена нивна вина е што ги извршувале своите работни задачи и дале мислење за предмет кој е во нивна надлежност. Димитар Димовски кој е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Дејан Митовски, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Аеродром, се само дел од жртвите на заевизмот само поради тоа што ги обелоденија катастрофалните и криминални политики од страна на власта“, пишуваат од партијата.

Сепак ниту еден од обвинетите не побарал помош и не се пожалил на нехуман третман во Хелсиншкиот комитет за човекови права, а единствено има информации за комуникација на обвинетите со Народниот правобранител.

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска кратко ни изјави „Секој има право на свое мислење и јас тоа го почитувам, без разлика дали се сложувам со истото или не“.

Коалицијата „Сите за правично судење“ е организација која ги мониторира судските процеси на сите актуелни политички случаи. Тие констатираат дека во Македонија нема политички затвореници, но велат дека притворот повторно почна често да се применува, засега законски.

„Мерката притвор, иако повторно многу често почна да се применува во државава, а е предвидена како последна опција за обезбедување присуство на обвинети лица, досега не е незаконски изречена. Оправданоста најчесто се наоѓа во можноста за бегство, што впрочем беше случај со неколку државни функционери, па истата се користи како превентивен механизам токму во таа насока“, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Независен весник“.

Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој беше бранител на обвинети во многу случаи за време на поранешната власт, но и сега, пак вели дека ситуацијата е иста како и претходно.

„Притвор се одредува секогаш кога бара обвинителството. Со оглед дека судството не е реформирано и нема никакви кадровски смени, судиите многу добро знаат што да испорачаат, тие се како сончогледи. Притворот повторно се употребува како казна, а не како мерка за обезбедување“, анализира Давидовиќ.

Но, податоците во извештајот за работата на обвинителствата покажуваат дека со промената на власта барањата за притвор се намалени.

„И покрај убедувањето на јавноста дека јавното обвинителство многу често ја користи мерката притвор како мерка за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка, податоците покажуваат дека во извештајната 2017 година оваа мерка е употребена во 1,5 отсто од случаите, или од вкупно 28.753 новопријавени лица мерка притвор е одредена само кон 451 лице“, пишува во извештајот.

Владеењето на минатата гарнитура беше запаметено и по спектакуларните полициски акции со звучни имиња, а голем дел од уапсените завршуваа во притвор. Судниците беа претесни за обвинетите, а во истражниот затвор во Шутка се бараше место повеќе за притворените. Дел од акциите пропаднаа и не добија судска разврска бидејќи немаше доволно докази, но дел од осудените поминаа повеќе години во затвор. Сега и Специјалното јавно обвинителство и редовното обвинителство отвораат истраги против поранешни високи функционери, но малку случаи добија судски епилог. Од оние за кои има правосилни затворски казни, единствено во затвор е поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски, поранешната министерка, Гордана Јанкулоска се спаси, а поранешнииот премиер Никола Груевски избега. Од обвинетите поранешни функционери, во притвор остана единствено Јанакиески.

Фросина Факова-Серафиновиќ