ВМРО за Јанчев: Секој одговара за себе и треба да е свесен за постапките


ВМРО-ДПМНЕ не сака да прави голема врева од фактот што кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев, кој е од нивните редови, присуствуваше на трибината на СДСМ во Кавадарци.

„Секој одговара за себе и треба да е свесен за постапките“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.

Јанчев, кој по ланскиот референдум за името беше разрешен од потпретседателското место на партијата поради несогласување со бојкотот, беше во првиот ред на трибината на СДСМ, на која говореше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тој го поздрави Јанчев и ги повика сите граѓани да се приклучат на владеачката партија и нивниот караван „На прав пат“.

Јанчев, кој и натаму е член на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека не преминува во спротивниот табот, туку сакал да слушне какви се плановите на конкуренцијата во врска со неговото Кавадарци. (Г.А.)