ВМРО сака да ја предложи новата Катица


Фото: Б. Грданоски

Дваесетина амандмани ќе поднесе ВМРО-ДПМНЕ на предлог-законот за обвинителство, кој денеска е на дневен ред во собраниската Комисија за европски прашања. Од опозициската партија велат дека не им е целта да го блокираат законот со стотина амандмани, а и не сакаат да ѝ дадат повод на власта да прифати процентуално голем број, но не и суштински важните, па затоа ќе се сконцентрираат на клучните забелешки.

Предметите што досега ги покрена СЈО се во еден од нив. ВМРО-ДПМНЕ бара сите тие што беа покренати да бидат префрлени во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, а освен тоа, новиот шеф да може да отвори истрагата и по допрен глас, да обезбедува докази и да ја води процедурата во случаи што досега не беа отворени. Втората крупна разлика во поимањето на законот за обвинителство меѓу власта и опозицијата се статусот на останатите обвинители во СЈО, со исклучок на притворената Катица Јанева, чиј мандат и онака ќе завршеше на 15 септември. ВМРО-ДПМНЕ бара тие да се вратат во матичните обвинителства од каде што дојдоа во СЈО, а потоа да конкурираат за место во новоформираното обвинителство.

Во белата палата не се откажуваат од идејата тие да го кажат името на новиот шеф на ова обвинителство, не прифаќајќи ни случајно тоа да биде Вилма Русковска, како што се предвидува во законот што го предложи Владата. Во ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат нивниот предлог да биде усвоен од Комисијата, потоа и од пратениците во парламентот, а на крајот до Советот за јавни обвинители, кој само формално ќе го изгласа новиот шеф.

Сепак, желбите на ВМРО-ДПМНЕ засега не наидуваат на разбирање кај владејачките партии, кои најавија оти имаат „план Б“ доколку нема договор со опозицијата и доколку не бидат обезбедени потребните 80 гласови во парламентот. Министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска најави дека при таков развој на настаните, во опција се други решенија, а едно од нив се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас. Според неа, клучна точка во недоразбирањето со ВМРО-ДПМНЕ е обидот на опозицијата да ги забошоти случаите на СЈО и со тоа да ги спаси обвинетите за криминал од нивните редови.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера им порачаа на претставниците на Владата да не го форсираат законот и опциите што ги разгледуваат доколку нема согласност од опозицијата, затоа што тие ќе важеле само неколку месеци, односно додека не дојдат на власт.

Амандмани најавија и во ДУИ, од чија партија учествуваа во подготовка на законот што го претстави премиерот Зоран Заев. Соработниците на Али Ахмети велат дека дел од забелешките се поврзани со употребата на албанскиот јазик, а дел на тоа изборот на обвинители во Советот да се спроведе со Бадинтерово мнозинство. Според пратеникот Артан Груби, кој раководи со собраниската Комисија за европски прашања, законот за обвинителството е есенцијален закон што доаѓа во собраниска процедура во жални околности, единствено поради алчноста на одредени лица.

Законот со кој се решава идниот статус на СЈО ќе се носи по скратена постапка. Еден час пред закажаната седница во собраниската комисија во 11 часот, Советот на јавни обвинители ќе се состане за да донесе одлука дали ќе ја почне постапката за разрешување на Јанева поради нестручно и несовесно работење. Вторничката седница траеше осум часа, по што претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев изјави дека тој и колегите успеале единствено да ги разгледаат списите, огромен број материјали кои до нив биле доставени во однос на истрагата за случајот „Рекет“. Тој изјави дека седницата на Советот траела невообичаено долго поради тоа што првпат се соочуваат со една ваква ситуација во која на шеф на јавно обвинителство му е определена мерка притвор.

Што се однесува до самата истрага за случајот, вчера стигнаа најави дека таа ќе биде проширена, но неизвесно е кој ќе биде опфатен со неа и кој следен ќе биде повикан да сведочи. Обвинителката Вилма Русковска во вторникот рече дека знае каде се дел од парите од „Рекет“. Таа рече дека не знае дали се подготвува барање за Јанева да излезе од притвор поради нарушено здравје и потврди дека сè уште трае истрагата за документот со исказот на Камчев кој излезе во јавност. Русковска изјави дека Бојан Јовановски ќе биде повикан да даде исказ кога таа ќе оцени дека треба.

Горан Адамовски