ВМРО против ВМРО во борба за директорски фотелји во Битола

Министерот за образование Шаќири контра градоначалникот Коњановски дели решенија на директори во битолските училишта


Министерот Јетој Шаќири и градоначалникот Тони Коњановски

 

БИТОЛА – Рашомонијада се случува во игрите за назначување на директори во основните училишта во Битола. Во исто време и министерот за образование Јетон Шаќири и градоначалникот Тони Коњановски поставуваат директори на училиштата во Битола.

Шаќири на функција поставува и кадри на ВМРО-ДПМНЕ и кадри на СДСМ за кои градоначалникот Тони Коњановски не дал одобрување. Коњановски, покрај тоа што се обидува да направи свој тим со кадри од ВМРО-ДПМНЕ, им дава вд. решенија и на кадри на СДСМ, претходно поставени од екс-градоначалничката Наташа Петровска.  

Тешка е „битката“ на градоначалникот Коњановски за смена на директорите во битолското образование, иако е осум месеци на власт, тешко успева да постави нови директори во основните и средните училишта да го комплетира својот тим во делот на образованието. Познавачите на состојбите во образованието велат дека Коњановски нема само отпор од кадрите на СДСМ, туку сега и од кадри од неговата матична партија.

Ако на самиот почеток на мандатот изгледаше дека Коњановски има „мака“ од постојните директори поставени од Петровска, сега со последниот случај на именување на директор во ОУ „Стив Наумов“ во Битола, по сѐ изгледа дека градоначалникот трпи опструкции и од  своите редови.

Од вчера со одлука на министерот за образование Шаќири за директор на ОУ „Стив Наумов“ Битола е поставен Никола Пискачев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, и истакнат член на партија, за кого градоначалникот не дал зелено светло, но затоа пак министерот го потпишал решението за четири години мандат на Пискачев.   

Пискачев јавно преку битолските локални медиуми му се заблагодари на министерот за образование и наука за почитување на одлуката на Училишниот одбор, изрази благодарност и до вработените и родителите за дадената доверба и поддршка. Но, во својата изјава не ја спомна локалната самоуправа и градоначалникот. Според решението, ваквата одлука на министерот следи откако Училишниот одбор по распишаниот оглас за избор на директор во април годинава, до градоначалникот на 6 јуни поднел предлог за избор на Пискачев за директор на ОУ „Стив Наумов“, но градоначалникот во законскиот рок не донел одлука за негово именување.

„Врз основа на барањето на Училишниот одбор, а по увидот во доставената документација, Министерството за образование и наука, констатираше дека кандидатот Николче Пискачев ги исполнува условите за директор на основно училиште“, се наведува во решението на министерот Шаќири, објавено во локалните медиуми.

Министерот Шаќири пред само неколку дена ставил потпис и за втор мандат на директорката на ОУ „Елпида Караманди“ во Битола, Тања Дамчевска, кадар на СДСМ.  

Коњановски, кој во неколку наврати јавно критикуваше дека наидува на отпор од опозициската СДСМ на локално ниво за смена на директорите во основните и средните училишта, најверојатно немајќи избор го потпишал решението за вд. на досегашната директорка на ОУ „Климент Охридски“, Гордана Анастасова, кадар на Петровска да добие шанса за втор мандат за директор. Анастасова е висок партиски функционер на СДСМ и од скоро е избрана за секретар на ОО на СДСМ во Битола. 

Коњановски во изминатите 8 месеци успеа да стави директори во четири училишта. Во останатите основни и средни училишта во Битола засега сѐ уште се валидни мандатите на актуелните директори постави од СДСМ, но и тие во најголем дел истекуваат ова лето.

Настрана од ова, советниците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Битола на крајот на оваа учебна година гласаа против сите завршни сметки на 18 основни и средни училишта во општина Битола.

И покрај фактот што завршните сметки доставени до Советот на општина Битола за 2021 година беа позитивни и без долгови, сепак ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа. Советниците на СДСМ толкуваа дека на овој начин се вршат притисоци врз директорите на училиштата, зашто локалната власт сака да ги разреши, а од ВМРО-ДПМНЕ возвратија да не се генерализираат работите зашто и во нивно, а и во време на СДСМ, имало добри и лоши директори. Така, СДСМ со помош на советници од „Поинаку“ (кои се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ) и Левица, ги изгласаа завршните сметки на 14 училиштата, а не поминаа само на 4 училишта.